Воспалителни болести на хранопроводот


Езофагитис (oesophagitis) претсавува воспалителен процес на слузокожата од ѕидот на хранопроводот. Може да се манифестира во вид на благи воспалителни промени на површината од слузокожата, но и во вид на тешки улцерозни промени на слузокожата од хранопроводот.
Езофагитисот може да биде примарен и секундарен. Примарниот езофагитис обично е предизвикан од директен контакт на животното со причинителот на оштетувањето. На пример во прашање може да бидат различни кисели или базни средства како и корозивни материи, изгореници, зрачење, како и страни тела кои животното ги внесува во хранопроводот. Секундарниот езофагитис обично е последица на некое примарно заболување, како што е на пример мегаезофагус или сл.


Клинички знаци

Знаците кои се јавуваат кај воспаление на слузокожата на хранопроводот варираат од степенот на промена на самата слузокожа, и можат да бидат благи, скоро неприметни, но можат да бидат и такви кои можат да го загрозат животот на животното. Знаци кои го карактеризираат езофагитисот се: засилено лачење слуз, пореметен или недостаток на апетит, перверзен апетит, слабеење на животните, враќање на конзумираната храна и течности преку нос или уста. Во плунката на животните заболени од езофагитис најчесто се наоѓа крв или траги на крв, како и  поголеми или помали залаци на несварена храна. Можна е и појава на зголемена телесна температура. Честа компликација на езофагитисот е аспирационото воспаление на белите дробови.


Дијагноза

Физичкиот преглед на пациентот ретко може да биде од помош во дијагностицирањето на езофагитисот, но е доста значајно да се изврши за да се елиминираат можните диференцијални дијагнози. Меѓутоа, можно е ветеринарот при прегледот да открие знаци на воспаление на јазикот или ждрелото, особено ако животното земало некоја каустична супстанца. Животното може да покажува и болка при палпирањето на вратната регија околу хранопроводот. Контрасниот ренгенолошки преглед е доста важен метод за дијагноза, бидејќи со помош на оваа метода можат да се откријат промени во изгледот на слукожата од хранопроводот.

Терапија

За да се спроведе било каква терапија, потребно е ветеринарот во соработка со сопственикот да го утврди причинителот на езофагитис, особено ако кучето или мачката внеле некоја корозивна хемиска супстанца. Задолжително треба да се испере хранопроводот од корозивната супстанца со раствор на блага киселина ако е во прашање труење со база, или раствор на блага база ако е во прашање киселина.
Кај полесните случаеви на езофагитис, заболувањето обично се санира за неколку дена без некоја специфична терапија. На сопственикот се советува првиот ден по појавата на ова заболување да не дава на животното било каква храна или течност. Наредните денови се препорачува давање на течна или кашаста храна на собна температура, и доста брзо доаѓа до губење на сите симптоми. Кога се во прашање потешки случаеви на езофагитис, терапијата бара полно внимание и посветеност на сопственикот и секојдневна посета на ветеринар. Поради неможноста да конзумира храна, животното е потребно секојдневно да се храни вештачки. Специфична терапија која ја применува ветеринарот за животното заболено од езофагитис се состои од лекови кои ја штитат површината на хранопроводот и создаваат заштитен слој на неговата површина. Во терапијата по потреба се вклучуваат антибиотици ако ветеринарот се посомнева дека е дојдено до оштетување на длабоките слоеви на хранопроводот или ако е дојдено до развој на аспирациона пнеумониа.

Профилакса

Секој сопственик на млади животни, било да се работи за штене или маче, мора да обезбеди соодветни услови за нивно чување. Младите животни се исклучително љубопитни и во устата ставаат се со што ќе дојдат во контакт. Затоа сопственикот мора да ги отстрани сите потенцијално опасни предмети од средината во која новиот миленик престојува. Со доста трпение, воспитување и време, младото животно ќе се научи што му е дозволено да допира и зема во уста, а што не.


Оставете ја вашата e-mail адреса и останете информирани.
* indicates required