Шуга кај кучињата


Шугата кај кучињата е несезонско заболување кое често се јавува кај кучињата кои се чуваат во лоши хигиенски услови.
Причинителите на шугата  се од три рода и тоа: Sarcoptes, Notoedres и Otodectes. Овие паразити својот животен циклус го поминуваат на кожата на домаќинот, правејќи канали во неа и положувајќи ги  јајцата. Продирајќи низ кожата паразитите доведуваат до големи оштетувања на кожата и секундарни инфекции што предизвикуваат уште посилно чешање.

Шугата како болест е распространета по целиот свет, а заболуваат и луѓето и животните. Многу брзо и лесно се пренесува од заболеното куче, при директен контакт или со контаминиран прибор и опрема.
Со своето паразитско делување, во и на кожата шугарците предизвикуваат јакo чешање кое предизвикува и доплнително отекување на кожата. Ова чешање станува интензивно преку ноќ и во затворени и топли простории. На оштетените места се приметува црвенило, чворови, гребнатини, красти и недостаток на влакна. Може да дојде и до системски пореметувања во вид на анемија и секундарни бактериски инфекции.

Otodectes шугата е локализирана во ушниот канал, на базата и околу увото. Паразитите  доведуваат до воспаление на ушниот канал со засилено лачење на карактеристична темна содржина. Кучињата ги чешаат ушите, ја тресат главата и може да доведе до дополнителни компликации во вид на оштетување на ушната мембрана на тапанчето или воспаление на средното уво.

Дијагнозата се поставува на основа на клиничките симптоми и преглед на кожен скарификат.
Со терапијата мора да се делува на самите причинители, но истовремено да се спроведува и сипмтоматска терапија со зголемена и квалитетна исхрана.