Се случува многу често животните, посебно младите, да внесат во устата најразлични предмети или храна со која доаѓаат во контакт. Кучињата се склони на вакви навики за разлика од мачките. Предметите кои животното ги има внесено во усната шуплина најчесто се проголтани и доаѓаат до хранопроводот. Ако предметите се помали и мазни, тие поминуват низ хранопроводот и поминуваат понатаму во дигестивниот тракт. Меѓутоа, ако предметите се големи и со остри краеви се заглавуваат во хранопроводот. Ова се случува поради големата можност хранопроводот да се растегне. Најчесто опструкциите се појавуваат на оние места на хранопроводот каде тој најмалку може да се истегне а тоа се: влез во градната шуплина, во околината на базата од срцето и делот на хранопроводот пред неговиот влез во желудникот. Страните тела во хранопроводот кои најчесто се наоѓаат кај кучињата се делови од коски, а кај мачките најчесто во прашање се различни играчки.
Клинички знаци
Опструкцијата на хранопроводот со страни тела, почесто се јавува кај младите отколку кај старите животни, почесто кај кучињата отклолку кај мачките. Приметено е дека опструкцијата на хранопроводот со страни тела се среќава почесто кај териерите за разлика од другите раси.
Појавата на клиничките знаци може да варираат од доста благи, скоро неприметни симптоми, до драматични клинички знаци. Кога е во прашање делумна опструкција на луменот на хранопроводот, се случува животното да не покажува никакви симптоми и до неколку недели од како се појавил проблемот. Сопственикот почнува да приметува дека миленикот слабее, дека често повраќа несварена цврста храна која ја изело, дека е се помалку расположен за шетање и играње, приметливо е дека има проблем со голтањето или голта на празно и засилено лачи слуз. Ако сопственикот ги занемари симптомите, клиничката слика и понатаму се развива и се компликува. Се јавуваат проблеми со дишењето, кашлањето и други знаци на заболувања на респираторниот тракт. Кај потполната опструкција на луменот на хранопроводот, симптомите кај заболените животни се доста забележителни. Животното изразено лачи слуз, кашла, ако внесе било каква храна или течност ги повраќа непроменливи, вознемирено е и како да бара помош од сопственикот.
Дијагноза
Кажувањето на сопственикот дека неговиот миленик има склоност да внесува различни предмети во уста, со присуство на знаци на заболување на хранопроводот, на ветеринарот дава подлога да постави сомнеж дека кај доведеното животно во прашање е опструктивно заболување на хранопроводот. Ветеринарот при општиот клинички преглед на пациентот детално го палпира вратниот дел од хранопроводот, бидејќи некогаш може да се случи страното тело да е лоцирано во овој регион и можно е да се допира. Сигурен метод за дијагностика е ренгенолошкиот преглед на пациентот. Ако постои сомнеж дека животното проголтало коска или камен, се прави ренгенолошки преглед без контраст, но ако постои сомнеж дека животното внело страно тело од некој друг материјал, потребен е контрастен ренгенолошки преглед. Езофагоскопија е корисен и добар метод за дијагноза бидејќи овозможува на ветеринарот да го види страното тело, да му ја одреди точната локација и да го процени степенот на оштетување на слузокожата на хранопроводот.
Терапија
Штом се постави дијагноза за опструкција на хранопроводот со страно тело, треба да се пристапи кон негово отстранување. Што подолго страното тело стои во хранопроводот, настануваат поголеми оштетувања на слузокожата од хранопроводот и е поголема можноста од секундарни компликации.Најпрво ветеринарот се обидува страното тело да го отстрани конзервативно. Страните тела кои не можат да се отстранат конзервативно, треба да се отстранат со хируршка интервенција. Хируршката интервенција е истотака индицирана кога страното тело го перфорира хранопроводот или кога доста ја оштетува неговата слузокожа. Хируршкиот зафат на хранопроводот е доста комплициран и има чести компликации како последица.