Во праксата на малите животни, доста често се соочуваме со проблеми кои се јавуваат со осетливост на животните на некои од компонентите на храна. Осетливоста на храна кај животните е класифицирана во две групи:
Алергии и нетолерантност спрема некоја намирница.
Основната разлика помеѓу алергија и нетолеранција е во тоа што кај алергијата во организмот на животното се јавува имун одговор, а кај нетолеранцијата нема имун одговор. Што се однесува на клиничкиот аспект на разлики помеѓу овие две заболувања, важно е дека освен откривањето на намирницата која предизвикува алергија или нетолерантност, потребно е да се примени и соодветна терапија која се разликува за овие две заболувања. Проблемите предизвикани со храна се чест причинител на хронични заболувања кај кучињата и мачките, но доста тешко се дијагностицираат и со самото тоа се долготраен причинител на проблемот.
Клинички знаци
Клиничките знаци кои се јавуваат кај животните кои се осетливи на одредена намирница во исхраната се: упорни проливи кои варираат во конзистенцијата, можат да бидат потполно течни, со примеси на крв во нив, а можат да бидат и со кашаста конзистенција. Повремено можат да се јават кратки периоди кога столицата на животното е формирана. Се случува и обилно и упорно повраќање. Младите животни заостануваат во растот и развојот. Заболените животни приметливо слабеат. Покажуваат и знакови на вознемиреност кога им се допира стомакот. Од време на време, се случува животното кое било потполно мирно, нагло да стане, цимоли, да се врти гледајќи во стомакот. Меѓутоа во шетање или игра, животното се однесува нормално, весело е, активно и во поодминатиот стадиум на болеста, и не се однесува како да е болно. Телесната температура е во границите на нормала.
Што се однесува до старосната возраст во која се јавува осетливост на некоја намирнца од храната, не постои некое правило. Некои животни имаат вродена осетливост на одредена намирница, а кај некои осетливоста се јавува со тек на времето, така што прв пат со видливи манифестации се јавува на пет-шест години.
Дијагноза
Доста е тешко да се дијагностицира и сигурно да се утврди нетолерантност или алергичност на животните на храната. Дури и ако правилно се постави сомнеж на можност на алергија или нетолерантност како причина за стомачни проблеми на животното, тешко е да се утврди која состојка на храната не ја толерира животното. За да се дојде до вистинска дијагноза, потребно е доста трпение и време како од страна на ветеринарот така и од сопственикот. Ветеринарот мора да ги добие сите потребни податоци за вакцините кои ги примило животното, за редовниот третман на животното против цревните паразити, за навиките на животното, како се составени оброците на животното и кој се го храни животното.
Следен важен чекор во дијагностиката е ренгенолошки преглед на желудочно цревниот систем со помош на кој можеме да добиеме важни податоци за евентуалното постоење на делумна препрека во проодноста на системот за варење.
Едно од скоро откриените заболувања поврзани со осетливоста на животните на одредени состојки на храната е глутен-осетливата болест на цревата кај ирските сетери. Глутенот е таканаречен житен протеин. Ова заболување се јавува кај штенињата од расата ирски сетер, на возраст околу 6 месеци. Се манифестира со губење на телесната тежина, слабо напредување и заостанување во растот и хронични проливи. Заболувањето со слична клиничка слика како и со сличен механизам на настанување постои и кај луѓето. Со клиничките методи, како и лабараториските прегледи е доста тешко да се дијагностицира ова заболување, па тоа најчесто се дијагностицира со селективна диета кога во исхраната на заболените животни потполно се исфрлат житните култури. По нивното исфрлање од храната знаците на заболувањето брзо исчезнуваат. Ако повторно се вметнат во исхраната, доволно е и едно тенко парче бел леб дневно, симптомите повторно се враќаат.
Терапија
Кога ќе се открие која намирница предизвикува осетливост кај животните, терапијата е доста едноставна и се состои само во елиминација на таа намирница по понатамошната исхрана на животното. Кај тешките случаеви, во почетокот на елиминационата диета, ветеринарот понекогаш препишува лекови од групата на кортикостероиди. Недостатокот на витамини и минерали кои се јавуваат поради пореметување на функцијата во желудочно-цревниот систем потребно е да се корегира со давање на минерално-витамински препарати.