Пример како е потребно да се постави садот од кој кучето се рани
Најчесто пореметување во подвижноста на хранопроводот е заболувањето кое се нарекува мегаезофагус. Мегаезофагусот претставува генерализирано проширување на луменот на хранопроводот. Проширувањето на луменот на хранопроводот настанува поради тоа што не постојат перисталтички бранови низ хранопроводот. Мегаезофагусот најчесто се јавува кај кучињата, додека кај мачките е доста редок. Мегаезофагусот може да биде вроден, наследен мегаезофагус кој се јавува кај возрасните кучиња и секундарен.
Вроден мегаезофагус
Вродениот мегаезофагус е заболување кое сопственикот го забележува непосредно по одбивањето на кучето од цицање. Мнозинството кучиња ги покажуваат првите симптоми на болеста пред десетата недела од раѓањето. Најчести раси кучиња кај кои се појавува мегаезофагусот се: фокстериери, доги, ирски сетери, германски овчари, лабрадор ретривери, њуфаундлендери и шар-пеи. Кога сопственикот почнува да го храни кученцето, кај него не се забележуваат никакви симптоми се додека сопственикот не почне да додава цврсти компоненти во храната. Тогаш заболеното кученце почнува да ја повраќа храната непосредно по оброкот или неколку часа по оброкот но таа е несварена. Често ја враќа храната преку носот. Освен враќањето на храната, кучето во секој друг поглед се однесува нормално, весело е, си игра со други и има нормален апетит. Како поминува времето, симптомите се поочигледни и кучето заостанува во растот.
Во повратената содржина можат да се приметат и траги на крв. Можна е и појава на аспирационо воспаление на белите дробови.
Наследен мегаезофагус кај возрасните кучиња
Наследниот мегаезофагус кај возрасните кучиња се јавува спонтано кај кучињата помеѓу седмата и петнаесетата година од животот. Причинителот за настанување на овој мегаезофагус нее со сигурност утврден, но се претпоставува дека во прашање е пореметување во нервната спроводливост и во нервните патишта. Симптомите се исти како и кај претходно опишаниот облик на мегаезофагус.
Секундарен мегаезофагус
Постојат многу болести на кучињата кои секундарно доведуваат до појава на мегаезофагус: повреди на хранопроводот или неговите нервни патишта, воспалителни болести, тумори, оштетувања на централниот нервен систем ( на пример како поседица на штенечак), оштетувања на нервните патишта, неуропатии, труења, ендокрини пореметувања...
Дијагноза
За ветеринарот да може да постави сомнеж дека е во прашање мегаезофагус, сопственикот треба совесно и точно да одговара на сите прашања кои му ги поставува ветеринарот. За да се постави точна дијагноза, неопходен е ренгенолошки преглед на заболеното куче.
Кога кај штенето се дијагностицира мегаезофагус, знаеме дека во прашање е вроден мегаезофагус. Меѓутоа, кога мегаезофагус се дијагностицира кај возрасно куче, тешко е да се разграничи дали е во прашање наследен мегаезофагус кај возрасното животно или тој настанал секундарно. Бидејќи постојат многу можни причинители на секундарен мегаезофагус, клиничарот на основа на прегледот на кучето и својата проценка одлучува кои анализи ќе се извршуваат понатака со цел за поставување на точна дијагноза
Терапија
Терапијата на прво место зависи од причинителот на мегаезофагусот. Ако е во прашање секундарен мегаезофагус, мора да се третира примарната болест. Кај секое животно заболено од мегаезофагус треба да се задоволат енергетските потреби. Важно е да се обезбеди на кучето таков начин на исхрана кој ќе му овозможи адекватна количина на сите хранливи материи со минимален губиток на храна по пат на регургитација (враќање на несварената храна). Покрај парентералната исхрана на кучето треба да се даваат високо калорични оброци поделени во мали порции. Садот од кој јаде кучето треба да биде подигнат малку пониско од висината на главата на кучето. Оброците се формираат индивидуално за секое заболено куче.