Паразитски болести кај кучињата - Болви

Оваа група на заболувања во поширока смисла можеме да ја поделиме на болести предизвикани од ектопаразити, ендопаразити и протозои.

Болести кај кучињата предизвикани од ектопаразити


Најчести причинители кои доведуваат до ектопаразитски заболувања кај кучињта се болвите, шугарците, демодексот и крлежите.



Болви

Најчест причинител кој доведува до проблеми со кожата кај кучињата е мачешката болва (Ctenocephalides felis). Скоро сите кучиња се осетливи и изложени на делувањето на овој паразит, освен оние кучиња кои живеат на високи надморски висини.

Болвите се хранат со крвта на домаќинот на кој паразитираат. Истотака, возрасните болви можат да преживеат и до 2 месеци надвор од домаќинот. Кај голем број на кучиња, болвите предизвикуваат чешање со среден интензитет кој е поднослив. Голема инфестација со овие паразити може, посебно кај младите кучиња, да доведе и до озбилни пореметувања (анемија од повисок степен). Болвите се и преодни домаќини за кучешката тенија. Кај осетливите кучиња доаѓа до појава на алергиски реакции на каснување од болвите, односно на протеини кои се наоѓаат во плунката на болвите. Како последица на оваа алергија, кај овие кучиња доаѓа до значително сериозни пореметувања и оштетувања на влакната и кожата.




Основен симптом кај инфестацијата со болвите е интензивно чешање, посебно во регијата околу коренот на опашката, на сапите, на стомакот и нозете. Дијагнозата се поставува при наод на болви на животните, бидејќи ова се мали смеѓи инсекти видливи со голо око, или наод на измет или јајца на болвите кои укажуваат на присуството на овие паразити кај кучињата.
Треба да се истакне дека кај кучињата кои се осетливи на каснување од болвите, доволно е само едно каснување за да дојде до појава силни клинички симптоми.

Бидејќи развојот на болвите поминува низ неколку стадиуми (јајце, неколку стадиуми на ларва, кукла и возрасна болва) во терапијата и контрола на болвите треба да се опфатат сите развојни облици. Во праксата тоа не е ни најмалку едноставно бидејќи не постои ниедно идеално ветеринарско средство за уништување на сите облици. Освен тоа болвите имаат исклучителна способност на прилагодување на инсектициди така што третманот и контролата е уште повеќе отежнат.

Основниот принцип на лекување е антипаразитски третман. На пазарот постојат бројни препарати со различна ефикасност и во различни облици (спрејови, шампони, раствори, ампули, итн.) Со оглед и на токсичноста на овие препарати пред употребата пожелна е и консултација со ветеринар.
Кучињата кај кои ќе се појави алергиски дерматитис бараат посебен третман под контрола на ветеринар.