Цревните паразити се доста чест проблем кај кучињата и мачките. Тие можат да предизвикаат благи или дури и неприметливи клинички симптоми, но можат да предизвикаат и многу тешка и сериозна клиничка слика, така што може да биде доведен во прашање и животот на животното. Кај младите животни честа е појавата на тешки симптоми при инфестација со цревни паразити, но не треба да се занемари дека присуството на цревните паразити е чест причинител на хронична дијареа кај возрасните миленици.
Младите животни инфестирани со цревни паразити ги покажуваат следниве симптоми:
нерасположение, безволност, слаб апетит, суви влакна и со лош квалитет, стомакот често им е надуен и болен на притисок, присутен е и профузен пролив во кој може но и не мора да се приметат цревни паразити. Понекогаш се случува младото животно да поврати и во повратената содржина да се приметат цревните паразити.
Кај возрасните животни инфестацијата со цревни паразити обично не се приметливи за сопственикот. Единствен симптом кој го забележуваат сопствениците е присуството на дијареа од помал или поголем интензитет. Дијареата може да биде присутна постојано или да се јавува повремено, може да биде во вид на потполно течна или кашаста столица, и во столицата може но и не мора да се појават цревни паразити.
Инфестацијата со цревни паразити, особено кај младите животни се опасни бидејќи често доаѓа и до секундарни инфекции со бактерии или вируси.
Инфестацијата со цревни паразити се поретки кај мачките отколку кај кучињата. Еден од факторите кој ја смалува можноста за инфестација на мачките е и тоа што мачките го закопуваат својот измет и така го отклонуваат потенцијалниот извор на инфестација. Кај кучињата е честа и пренаталната инфестација на штенињата (инфестација пред раѓање, по пат на мајчиниот крвоток), која не се јавува кај мачките.
За дијагноза на цревните паразити пресуден е копролошкиот преглед кој го изведува ветеринар и на основа на резултатите пропишува најефикасен лек за одстранување на цревните паразити.
Инфестацијата со тении кај кучињата обично не доведува до тешки клинички симптоми. Можна е појава на пролив од појак или послаб интензитет, но општата состојба на животното не е драстично нарушено.
Dipylidium caninum е тенија која ја пренесуваат болви и која предизвикува интензивен србеж во пределот на анусот на кучето така што тоа се лиже и гризе во тој регион и ‘’се влече со задникот’’
Echinococcus spp. е тенија која не предизвикува забележителни симптоми кај инфестираното куче, но предизвикува доста сериозно тешко заболување кај луѓето. Кучињата најчесто се инфестираат со ехинококот кога јадат хигиенски неисправно месо кое не е термички обработено.
Редовната дехелминтизција (терапија со средства против цревни паразити) како и контролни копролошки прегледи на изметот на животните, се најважни мерки во заштита на здравјето на луѓето и животните.
Постојат четири потенцијални патишта за инфестација со овалните глисти и тие се:пренатална инфестација на штенињата со трансплацентарна миграција (миграција на причинителот низ постелката), инфестација на штенињата и преку мајчиното млеко, инфестација со перорално внесување на инфективни јајца и инфестација по пат на перорално внесување интермедијален и случаен домаќин (глувци, птици, инсекти...) со паразитот. Во телото на домаќинот, аскаридите поминуваат низ повеќе развојни облици и мигрираат низ организмот на домаќинот поминувајќи низ црниот дроб, белите дробови, гастроинтестиналниот тракт и ткивата.
Скоро сите новородени штениња се инфестирани со ларвите на Т.canis кои се наоѓаат во нивните бели дробови поради трансплацентарната миграција на паразитот. Поради тоа, штенињата во старост од три недели, во своите црева имаат возрасни аскариди кои продуцираат јајца, такашто во фецесот на штенето се наоѓаат голем број на јајца.
Терапија и превентива- На пазарот постојат многу ефективни препарати за третман на аскаридозата. Бидејќи поголемиот број штениња се раѓаат инфестирани со аскариди, првиот третман на штенињата против цревните паразити потребно е да се изрши помеѓу втората и третата недела старост, пред да се појават јајцата на аскаридот по прв пат во фецесот на штенето. Третманот треба да се повтори во четвртата, шесттата и осмата недела од староста на штенето за да би се уништиле аскаридите кои стигнале во организмот пренатално, по пат на мајчиното млеко и внесување на инфективни јајца преку уста. Заедно со штенињата, обавнезно треба да се третира и кучката.
Превентивниот третман на кучињата против цревните паразити е задолжителна мерка и во здравствената заштита на луѓето. Постои можност за инфекција на луѓето, а особено на децата со ларвата на Т.canis и заболувањето се нарекува Visceralna larva migrans. Поради тоа, сите кучиња превентивно треба да се чистат од глисти во интервали од три до шест месеци. Одлично би било и двапати годишно да се изврши копролошки преглед на изметот од кучето, особено кај животните кои доста време поминуваат со децата.