Цревните паразити се доста чест проблем кај кучињата. Тие можат да предизвикаат доста благи или дури и неприметни клинички симптоми, но можат да предизвикаат и доста тешка и озбилна клиничка слика, така што дури и животот на животното да биде доведен во прашање. Кај младите животни честа е појавата на тешки симптоми при инфестација со цревни паразити, но не мора да значи дека чест причинител на хроничната дијареа кај возрасните кучиња е присуството на цревните паразити.
Младите животни инфестирани со цревни паразити ги покажуваат следниве симптоми: нерасположеност, безволност, слаб апетит, суви влакна и нивен лош квалитет, стомакот им е често подуен и болен на притисок, присутен е и профузен пролив во кој може но и не мора да се приметат цревни паразити. Понекогаш младото животно повраќа и се случува во повратената содржина да бидат приметени цревни паразити.
Кај возрасните животни инфестацијата со цревни паразити обично не се приметливи за сопственикот. Единствениот симптом кој го приметуваат сопствениците е присуството на дијареа од помал или поголем интензитет. Дијареата може да биде присутна постојано или да се јавува повремено, може да биде во вид на потполно течна или кашеста столица, и во столицата можат но и не мораат да се појават цревни паразити.
Инфестацијата со цревни паразити, особено кај младите животни е опасна и поради тоа што често доаѓа и до секундарни инфекции со бактерии или вируси.
Кај кучињата честа е и пренаталната инфестација на штенињата (инфестација пред раѓањето, по пат на мајчиниот крвоток).
За дијагноза на цревните паразити пресуден е копролошкиот преглед кој го врши ветеринар и на основа на резултатите, ветеринарот пропишува најефикасен лек за отстранување на цревните паразити.