Паразитски болести кај кучињата - Крлежи

Оваа група на заболувања во поширока смисла можеме да ја поделиме на болести предизвикани од ектопаразити, ендопаразити и протозои.

Болести кај кучињата предизвикани од ектопаразити


Најчести причинители кои доведуваат до ектопаразитски заболувања кај кучињта се болвите, шугарците, демодексот и крлежите.


Крлежи

Крлежите имаат сложен животен циклус кој вклучува паразитирање на три домаќина- домашни и диви животни и човекот. На кучињата паразитираат поголем број видови крлежи од кои практично сите можат да пренесат болести на кучињата. Од заболувањата треба да се издвојат пироплазмозата (бабезиоза), туларемијата, Лајмската болест итн. Крлежите обично ги наоѓаме на ушите, вратот, главата и помеѓу прстите. Понекогаш кучињата можат да бидат инвадирани со неколку стотини крлежи насекаде по телото. Меѓутоа, за да се пренесе некоја од болестите од крлежите на кучињата доволен е само еден убод од крлежот, којшто често сопственикот не гo ни приметува.





Ако на кучето се најдат помал број на крлежи треба да се обидеме да ги извадиме. Порано се сметало дека е потребно прво да се усмрти крлежот, па после тоа да се вади. За таа цел се аплицирало алкохол, бензин, разни масла и сл. и после тоа се вадел крлежот. Причината поради која овој начин е напуштен е тоа што при угинувањето крлежот испушта токсин кој може да предизвика болест. Постапката за исправно вадење на крлежот се состои во фаќање на крлежот со пинцета или специјални инструменти и вртење на телото на крлежот во спротивен правец од стрелките на часовникот.

Истовремено е потребно полека да се извлекува главата на крлежот од кожата на кучето. Извадениот крлеж не треба да се фаќа со раце, бидејќи и луѓето можат да заболат од некои заболувања кои се пренесуваат со крлежите. Ако при вадењето на крлежот дојде до заостанување на главата на крлежот во кожата, кучето треба да се следи дали ќе дојде до спонтано исфрлање на остатоците во следните денови. Ако местото на убодот стане црвено и се појават знаци на инфекција треба да се побара помош од ветеринар.

Во случаите со зголемена инфестација со крлежи, потребно е кучето да се истретира со некои од комерцијалните препарати против ектопаразитите.

Во сезоната пролет-лето добро би било кучето да се заштити со некои од препаратите кои имаат долготрајно и заштитно делување.