Дијареја (пролив) е симптом на заболување на гастроинтестиналниот тракт или на некои системски болести со кои сопствениците на животни најчесто се среќаваат. Проливот може да се јави кај цела низа на различни заболувања кај малите животни, но сепак најчесто се јавува кај заболувања на тенките и дебелите црева.
Проливот се дефинира како зголемување на количината на вода во фецесот и волуменот на фецесот пропратен со забрзување на цревните движења.
Етиологија
Основната поделба на дијарејата кај тенките црева се врши врз основа на нивното траење, и тоа, на акутни и хронични.
Акутната дијареја може да биде причинета преку : неадекватна исхрана или нетолерантност на животните на некои од компонетите на храната, цревни паразити, токсини, цревни инфективни болести како што се парвовирозата, салмонелозата, инфекција со корона вирус, систематски инфективни болести како што се штенечак, лептоспироза, метаболички болести како што се уремија, хипофункција на надбубрежната жлезда, како и акутна дијареја со непозната етиологија.
Хроничната дијареја може да биде причинета преку: инфестација со цревни паразити, парцијална обструкција на цревата, систематски болести како што се болестите на црниот дроб, панкреасот или хипофункција на надбубрежната жлезда, како и хронична дијареја со непозната етиологија.
Многу е важно да се утврди висинската причина за дијареја, а за да се открие причинителот што побрзо, потребно е сопственикот да обрати внимание на сите појави кои ја пратат дијарејата на неговиот миленик, како и ветеринарот да одговори точно и детално на сите прашања во врска со одгледувањто и исхраната на кучињата/мачките.
Важно е да се обрати внимание на следново:
1. Времетраење на дијареја
Дијарејата може да трае неколку дена, но може да трае и неколку месеци па дури и години, и затоа е битно да се нагласи кога прв пат се појавила. Исто така е важно да се знае дали дијарејата е постојана или се јавува повремено.
2. Исхрана
Проблемите со исхраната се најчест причинител за појава на дијареја кај кучињата и мачките. Многу сопственици и не знаат кои намирници треба да ги избегнуваат во исхраната кај кучињата или мачките па со најдобри намери предизвикуваат сериозни проблеми на својот миленик. Поради тоа е битно сопственикот детално да објасни на ветеринарот како го храни својот миленик и да не избегне ни еден детал мислејќи дека не е важен.
3. Апетит
Податоците за апетитот на пациентот често помагаат за дијарејата правилно да се класифицира. Особено треба да се обрати внимание дали милениците имаат первезен апетит, или пак апетитот им е нормален а очигледно се ослабени.
4. Изглед на фецесот
Треба да се обрати внимание со каква конзистенција е фецесот, дали е потполно течен или кашаст, дали во него има остатоци од храна, цревни паразити, крв ,слуз ...
5. Присуство на гасови
Зголеменото ослободување на гасови од цревата обично покажува на пореметување во ресорпцијата на храната. Гасовите во цревата се ослободуваат при бактериската разградба на нересорптивните јагленихидрати во дебелото црево. Се знае дека кога во исхраната на животните е застапена сојата, ослободувањето на гасови е значително. Треба да се знае и дека кај брахицефаличните кучиња ослободувањето на гасови е нормална појава заради аерофагијата (голтање на воздух).
6. Зачестена дефекација
Ова е важен податок на основа на кој ветеринарот може да процени дали кај пациентот се во прашање проблеми со тенките или дебелите црева.
7. Повраќање
Најчест симптом кај воспалителните процеси во гастроинтестиналниот тракт кај мачките. Повраќањето може да се јави како кај заболувањето на тенките и дебелите црева, така и кај многу систематски болести.
8. Тенезмуси
Тенезмусите се дефинираат како претерано напрегање при дефекацијата. Информациите за нивното присуство или отсуство даваат корисни податоци на ветеринарот во проценката дали е во прашање процес на тенкото или дебелото црево.
9. Губиток на телесната тежина
Ова не е специфичен симптом за заболување на цревата, но од другите сипмтоми дава податоци кои се битни за конечна дијагноза.
10. Опкружување
Контактот на животните со животни кои имаат дијареја или се сомнева дека се заразени со цревни паразити е важна информција за дијагнозата. Работните кучиња кои подлежат на строг и напорен тренинг се предиспонирани за појава на стресна дијареја. Овој облик на дијареја се карактеризира со промена од нормална столица во зачестен пролив. Дијарејата е доста честа кај мачињата при одбивање од цицање и промена на животната средина.
11. Раса
Треба да се нагласи дека ниедна болест пропратена со пролив не е специфична само за една раса. Постои расна предиспонираност за поедини заболувања, така што германските овчари се наклонети на појавата на инсуфициенција на панкреасот, а германските доги и боксери се наклонети на појава на дијареја предизвикана од стрес.